Апостол Петков Терзиев наречен Апостол-Војвода и Ениџевардарското Сонце (Бојмица, 6 мај 1869 – Крушари, 2 август 1911) — истакнат македонски револуционер, војвода од ТМОРО и МРО и клучна личност на Солунскиот револуционерен округ.
Апостол Петков е роден на 6 мај 1869 година во с. Бојмица во областа Бојмија, денес во егејскиот дел на Гевгелиско. Потекнува од родот на Терзиевци. Неговиот постар брат Митре бил ајдутин, а брат му Тано и братучед му Андон, загинале како комити. Апостол кој бил неписмен, како младинец работел како кантонер на железничката линија Солун – Скопје. Во 1892 година, ја напуштил работа и се одметнал. Од тогаш па до почетокот на 1897 година крстосувал како ајдутин по Пајак планина, дружејќи со Иван Карасулијата.Додека Апостол ајдукувал, во 1896 година, неколку мина од неговото семејство станале членови на месниот комитет на ТМОРО во Бојмица.
Во 1897 година, Даме Груев се запознал со Апостол Петков и И. Карасулијата и ги поканил да се приклучат кон Организацијата како членови на тајната полиција. Тие биле покрстени од Поп Стамат во Солун. Во октомври 1897 г., по препорака од ЦК во Солун, и со залагање на Аргир Манасиев од Гевгелија, Апостол Петков и И. Карасулијата ја формирале првата чета на ТМОРО во Солунскиот револуционерен округ. Во 1897/1898 година, четата се движела низ областа Бојмија, по Пајак планина, Гевгелиско, Дојранско и Ениџевардарско, ликвидирајќи насилници и разбојнички банди. Во октомври 1898 година, И. Карасулијата и А. Петков го киднапирале Туран бег, за чие ослободување добиле 2.000 турски лири,но во касата на ТМОРО, предале само 400 лири. Поради тоа, ЦК во Солун,
размислувалe за нивно казнување со смрт, но по залагање на Аргир Манасиев до тоа не дошло. Превоспитувањето на Апостол Петков и на Карасулијата било препуштено на Михаил Апостолов Попето. За враќање на довербата, ЦК им наложил на Апостол Петков и И. Карасулијата да го ликвидираат лекарот Димитриос Кивериндис, кој бил главен организатор на грчката пропаганда во Гевгелиско. Атентатот врз Кивериндис бил извршен на 3 декември 1898 година. Заради подобра контрола врз Апостол и Карасулијата, ЦК на ТМОРО ја поделил четата на два дела, при што Карасулијата станал војвода во Гевгелиско, а Апостол во Ениџевардарско.
На 12 август 1900 година, четата на Апостол Петков го ликвидирала внукот на Демир субаша, кој важел за голем злосторник во регионот. На 30 ноември во режија на Апостол Петков бил изведен обид за ликвидација на лекарот Ангелаки Секелариос, кој бил организатор на грчката во Гуменџе. Секелариос го преживеал атентатот. Нападот врз него добил голем публицитет во грчкиот печат, а за случајот се расправало и во грчкиот парламент. По Солунската провала од 1901 година, Апостол Петков заминал за Бугарија за да обезбеди подобро вооружување за својата чета.
Во 1902 година, Врховниот македонски комитет презел иницијатива за провоцирање востание во Македонија, а за таа цел врбувал и некои поранешни војводи од ТМОРО. ЦК на ТМОРО настојувал да ја попречи провокаторската дејност на врховистите. Пионер на врховизмот во Гевгелиско, станал Иван Карасулијата, во Кукушко Атанас Чопката, а во Воденско, Вангел Иванов. Подоцна низ регионот поминал и врховистичкиот провокатор – полковникот Анастас Јанков. Додека Апостол отсуствувал од Ениџевардарско, таму како војвода на ТМОРО се наметнал Павле Кониковски. Кога се вратил Апостол помеѓу нив избило соперништво околу приматот за војводството, но со посредништвото на Аргир Манасиев, било постигнато помирување, но недовербата останала. Апостол Петков и П. Кониковски, ја избегнувале наредбата од ЦК на ТМОРО за разоружување на Иван Карасулијата. Оправдувањето на Апостол било: „Ако се судриме … ќе загубиме многу момчиња, зашто неговите се опитни и добро вооружени“. Во меѓувреме Апостол постигнал џентлменски договор со Карасулијата за ненапаѓање. Апостол под изговор дека неговиот војводски престол бил загрозен од П. Кониковски, одбегнал да замине со Аргир Манасиев за Воденско за да ги преследуваат врховистичките чети. Поради тоа Организацијата, размислувала за прекоманда на Апостол од регионот, па дури и за негово ликвидација. Меѓутоа, А. Петков и П. Кониковски се извлекле со тоа што ја разоружале врховистичката чета на Атанас Петровалијата.Кон крајот на 1902 година, П. Кониковски починал под сомнителни околности, а една од претпоставките е дека бил отруен од А. Петков.
Востаничката 1903 година
На 9 март 1903 година, по предавство од страна на гркоманите од с. Крива, четата на Апостол била опколена во Бојмица.Според хетографираниот весник на ТМОРО „Слобода или смрт“, на турскиот повик да се преде, Апостол одговорил: „Секој од нас има по 300 патрони, од кои по еден ќе зачуваме за себе, а другите куршуми ќе ги испратиме подарок за вас“, по што започнала престрелка која траела цел ден. При овој судир четата имала 4 мртви, меѓу кои и Тано, братот на Апостол, како и 2 ранети, а од страна на Турците загинале 2 жандарми.
Во средината на јули 1903 година здружените чети на Апостол Петков, Крсто Асенов и Трајко Јотов се судриле со турските војски кај с. Постол. При овој судир Турците имале 4 убиени и 2 ранети, а од четите загинале 2 комити. На Илинден 1903 Апостол Петков и Крсто Асенов во с. Корнишор, ги осветиле востаничките знамиња на двете чети. Тогаш К. Асенов се венчал со Ана Малешевска. Венчавката на Асенов била погрешно протолкувана, поради што тој бил убиен на подмолен начин.Поради тоа, наместо на 2 спроти 3 август, демонстративниот напад на Гуменџе, Апостол Петков го извел на 9 август 1903 година, а тоа пак предизвикало репресија од страна на власта врз цивилното население.Следниот ден Апостол го нападнал турскиот гарнизон во с. Крива. На 9 септември, Апостол се судрил со турските војски кај с. Рамна. На 25 септември Апостол Петков и Иван Карасулијата се судриле со турските војски кај врвот Гандач, при што извојувале огромна победа. На 12 декември 1903, Апостол Петков и Аргир Манасиев, биле опколени од турска војска кај с. Горгопик, близу Гуменџе. Од овој судир, четите се извлекле без загуби, а од страна на Турците имало 12 убиени и ранети.